
Новости
Соопштенија
Полугодишни резултати, 2025 година
30.7.2025
Полугодишни резултати, 2025 година
Во услови на умерен економски раст и пролонгирана глобална неизвесност, Стопанска банка АД Скопје постигна значителни финансиски резултати во првата половина од 2025 година. Континуитетот во остварувањето на позитивни резултати е потврда за силната позиција и одговорниот менаџмент на Банката во одржување на ликвидноста, стабилноста и профитабилноста во услови на комплексни предизвици, што ја гарантира довербата на клиентите на долг рок.
Банката оствари добивка пред оданочување од 2.022.904 илјади денари, што е за 2% повисока во однос на истиот период минатата година. Согласно регулативата за глобален данок, Стопанска банка пресметува данок на добивка со примена на ефективна даночна стапка од 15 %, што предизвика зголемување од 42 % на оваа категорија во однос на анализираниот период од минатата година и соодветно се одрази на намалување на добивката по оданочување. На тој начин, остварената добивка по оданочување во првата половина од годината изнесува 1.741.289 илјади денари и е намалена за 2 % во однос истиот период од минатата година.
Приходите од камати изнесуваат 2.908.376 илјади денари и се намалени за 6 % во однос на истиот период од минатата година како резултат на опаѓањето на каматните стапки, додека приходите од провизии и надоместоци се намалени за 7 %, како резултат на зголемените расходи од провизии кои ги наплатуваат добавувачите на соодветните сервиси и истовременото намалување на провизиите кај одредени сервиси во интерес на клиентите. Приходите од курсни разлики бележат зголемување од 30 %, што укажува на зголемен обем на активности на пазарот. Останатите приходи од дејноста изнесуваат 471.802 илјади денари и се значително заголемени за 95 % како резултат на наплата на отпишани побарувања, додека оперативните расходи изнесуваат 1.317.871 илјади денари и се одржани на контролирано ниво како резултат на оперативната ефикасност на Банката во однос на контролата на трошоците од работењето.
Задржувајќи го високопрудентниот пристап во однос на управувањето со квалитетот на кредитното портфолио, во анализираниот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 555.830 илјади денари, помала за 27 % во однос на минатата година, пред сè како резултат на квалитетот на кредитното портфолио и помалата потреба за резервации, и успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик.
Вкупната актива на Банката, во првото полугодие изнесува 150.453.024 илјади денари, што претставува раст од 4% во однос на претходната година. Кредитното портфолио продолжува со умерен раст од 2%, при што кредитите на и побарувања од други комитенти нето изнесуваат 101.179.234 илјади денари. Вложувањата во хартии од вредност остануваат стабилни, со вредност од 16.611.480 илјади денари, додека останатите побарувања се зголемени за 30 %, достигнувајќи 2.959.128 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 27.001.032 илјади денари, што претставува намалување од 8 % во однос на крајот на 2024 година, пред сè поради донесената одлука на последното годишно Собрание на акционери за исплата на дивиденда на обичните акции во бруто-износ од 3.998.444 илјади денари, односно 229 денари по акција. Исплатата на дивидендата се реализираше во текот на јули 2025 година. Собранието истовремено донесе одлука за капитализирање на дел од добивката во износ од 3.670.382 илјади денари и зголемување на сопствените средства, со што стапката на капитална адекватност во јуни изнесува 20,54 %.
Во првата половина од годината, Стопанска банка продолжи да ги надградува проектите кои се фокусираат на заштита на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите. Проектот „Зелен ѕид“ продолжи со поставување нови садници на дрвја во Скопје, со цел да се збогати Паркот на магнолиите во Градскиот парк. Успешно беше реализирано деветтото издание на „Вози право, вози здраво“со повеќе од 9.000 учесници во заедничка мисија за промоција на урбаниот велосипедизам. Во јуни, Банката пушти во употреба читална за студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, со модерен и практичен ентериер.
Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржувањето на лидерското пазарно учество во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.
Веќе интензивно се гради и новата управна зграда во согласност со ESG стандардите и со користење на енергетски ефикасни материјали. Банката останува фокусирана на проектот на дигитална трансформација кој беше најавен минатата година и кој во следните години ќе вклучува значајни капитални инвестиции во нови технологии, решенија и секакоунапредување на работните услови и на тимскиот дух за нашите колеги.
Стопанска банка АД - Скопје