Новости
Соопштенија
Резултати за третиот квартал од 2025 година
29. 10. 2025
Резултати за третиот квартал од 2025 година
Стопанска банка во третиот квартал од 2025 година продолжи со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Добивката пред оданочување и резервации во анализираниот период изнесува 4.305.324 илјади денари и во истиот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 8 %.
Нето-приходите од камати изнесуваат 4.132.751 илјади денари и се намалени за 11 % во однос на истиот период од минатата година, како резултат на намалените каматни стапки.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 589.267 илјади денари и се намалени за 9 % во однос на анализираниот период во 2024 година, како резултат на зголемените трошоци од страна добавувачите на платни и картични услуги, како и регулативни ограничувања на приходите од провизии кај некои категории на сервиси.
Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 15.420.962 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 28.085.802 илјади денари, што претставува намалување за 4 % во однос на крајот на 2024 година како резултат на исплатената дивиденда на имателите на обични акции. Дополнително, Банката пренамени износ од 3.670.382 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот на 20,54 %.
Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, подобрување на оперативната ефикасност како и понуда на нови услуги. Секако, примарна цел останува редовното и ефикасно извршување на деловните активности, одржувањето на лидерското пазарно учество во сегментот на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите. Банката продолжува интензивно да работи на интерните процеси со цел да обезбеди понуда на пазарот која ќе биде уште побрза, полесна и, секако, посовремена, а филијалите на Банката сè повеќе ќе се ориентираат кон советодавни услуги и изнаоѓање решенија соодветни на потребите на клиентите. Банката е фокусирана подеднакво како на сервисирање на своите клиенти по највисоки стандарди така и на поддршка на своите вработените, унапредување на работните услови и тимскиот дух.
Во анализираниот период, Банката продолжи да ги надградува проектите кои се фокусираат на заштита на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите. Проектот „Зелен ѕид“ продолжи со поставување нови садници на дрвја во Скопје, со цел да се збогати “Паркот на магнолиите” во Градскиот парк. Успешно беше реализирано деветтото издание на спортско-рекреативниот настан „Вози право, вози здраво“, на кој учествуваа над 9.000 граѓани од Скопје. Во јуни, Банката ја отвори новата Читална за студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, целосно опремена со најсовремени материјали и ентериер. Како реакција на огромната трагедија во Кочани, Банката донираше директна финансиска помош до семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот.
Стопанска банка АД - Скопје
На ваша страна

