

Маркетинг и ООП
80 години Стопанска банка
80 години Стопанска банка
Имиџ кампања
Ве покануваме да го гогледнете имиџ спотот продуциран по повод 80тиот јубилеј на Банката. Темата која ја обработува кампањата е чувството кое асоцира на ДОМА.
Кога треба да го избереме најубавото место на светот, одлуката паѓа на местото каде што се чувствуваме среќно, задоволно и исполнето - ДОМА. Тоа е местото што ни буди позитивни емоции, ги чува сеќавањата и каде што секојдневно создаваме лични и општествени приказни.
Местото каде растеме, учиме и се развиваме, местото каде ја наоѓаме својата слобода, но и својот мир. Местото каде срцето ни е полно и каде луѓето, пријателите и заедничките прослави и успеси го прават незаменливо и единствено.
80 годишнината е вредна за почит бидејќи Банката 80 години останува верна на својот избор да работи, создава и расте ДОМА, насочувајќи ја својата енергија, знаење, искуство и ресурси за да им помогне и на другите да успеат на истото место. ТУКА да го градат својот дом, своето семејство и бизнис, да им помогнат да ги остварат своите соништа, да ги реализираат сите желби, да се радуваат на моментите поминати со блиските луѓе, на малите и големите успеси и секојдневно да го впиваат животот со сите сетила.
Оваа кампања поттикнува повторно да ја откриеме љубовта кон дома и мудро потсетува зошто, им посочува на младите дека секое дома може да биде најубаво ако доволно и искрено посакаат и се обидат, а со дополнителна помош и поддршка од најблиските и од најголемата банка ништо не е невозможно.
Затоа треба да градиме иднина тука, а не некаде „таму“.
Погледнете ја приказната која Стопанска банка ја испишува 80 години и ќе продолжи да ја испишува. Тука, дома.
Централен настан
Одбележана 80-годишнината на Стопанска банка - темелот на домашната економија
Банката со најдолга традиција во земјава, Стопанска банка АД - Скопје, го прослави 80-годишниот јубилеј со уникатен гала концерт на виртуозот на пијано, Симон Трпчески, одржан во Филхармонијата. На централната прослава, со присуство на професорот Гикас Хардувелис, претседател на одборот на директори на НБГ и други сениор директори на Групацијата НБГ, а пред истакнати гости од државата, амбасадите, претставници на значајни домашни и странски финансиски институции, бизнисмени, новинари, сегашни и поранешни вработени и соработници, Банката потсети на успешната приказна што ја испишува веќе осум децении. Приказна за трајно наследство, со Стопанска банка како темел на домашната економија и симбол на стабилност, безбедност, напредок и доверба.
Специјално за оваа свечена прослава на јубилејот, маестро Симон Трпчески и неговите пријатели изведоа маестрален концерт со транскрипција на традиционалната музика од регионот, на композиторот Панде Шахов. На сцената на Филхармонијата, покрај Трпчески на пијано, беа: Хидан Мамудов на кларинет и саксофон, Владимир Крстев на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на перкусии. Специјални гости на концертот беа виолинистот Симос Папанас од Солунската филхармонија, како и познатата локална вокалистка Елена Андоновска. Специјалните визуелни ефекти создадени за потребите на настанот од регионално познатиот видео-уметник Флоријан Канга, дополнително ја збогатија свеченоста.
Првото поглавје од успешната приказна на Стопанска банка датира од 1944 година, период на значајни глобални промени и предизвици, кога Банката храбро ги отвори вратите и се обврза на одговорност и поддршка на локалната заедница. Оттогаш, Стопанска банка е најголемиот поддржувач на домашната економија, финансирајќи ги најголемите инфраструктурни проекти и најважните индустриски капацитети - патишта, објекти, мостови, фабрики и погони, како и овозможувајќи им просперитет на локалните мали бизниси и домаќинства. Постојаниот раст и големата успешност во текот на годините ѝ овозможија на Стопанска банка да стане дел од една од најголемите групации за финансиски услуги во Југоисточна Европа, НБГ, од 2000 година. Овој чекор, во спрега со посветеноста на раководството и вработените, дополнително ја зацврсти способноста на Банката за иновации и раст, со што таа стана предводник во иновативните банкарски решенија и банка која постојано е во чекор со дигиталното банкарство.
Значаен столб на стратегијата и работењето на Стопанска банка е нејзиниот посветен придонес кон заедницата. Како еден од лидерите на финансискиот пазар, Банката спонзорира општествено одговорни проекти за поддршка на културата, уметноста, спортот, образованието и здравството веќе 80 години. Ваквите иницијативи поттикнуваат позитивни промени во општеството и ги мотивираат граѓаните да се ангажираат и да придонесат кон посветла иднина за целата заедница.
Синоќешната прослава е дел од активностите со кои Банката прославува 80 години традиција и напредок, испраќајќи порака до сите да продолжат да создаваат и инвестираат овде, за ДОМА и понатаму да биде најдоброто место на светот, место за живот и просперитет на сите оние кои ги сакаме и почитуваме.
Видео од настанот е достапно на нашиот YouTube канал