header image

Интервју со г. Диомидис Николетопулос, дневен весник Вечер

26. 4. 2021

 

Интервју со г. Диомидис Николетопулос, дневен весник Вечер

 

Го проследуваме интервјуто со г. Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на УО на Стопанска банка АД - Скопје објавено денеск во дневниот весник Вечер.

Интервјуто во целост е достапно на веб страницата на весникот.

 

П1: Г. Николетопулос, во Стопанска банка АД – Скопје сте од 2009та година и веќе 8 години сте на чело на Банката. Ако некој ја познава Банката и нејзината моментална состојба веруваме дека тоа сте Вие и Вашиот тим кој, сите овие години ја води Банката со голем успех, па еве веднаш да прашаме, дали има некаков проблем со Стопанска банка АД – Скопје?

Благодарам на поканата и на директното прашање.
Веднаш категорично ќе кажам не!!

Не само што воопшто нема никаков проблем, напротив, Стопанска банка е во најдобра кондиција од кога било претходно - здрава, силна и профитабилна, со силен капацитет за заштита на интересите на депонентите како и интересите на сите вклучени страни.
Како и досега, репутацијата на Банката, сигурноста на депозитите и воспоставениот оперативен модел, изграден следејќи ги најдобрите практики и високите светски стандарди, за нас претставуваат врвен приоритет, па уште еднаш би сакале да ги увериме граѓаните дека нивните средства, без никаков сомнеж се целосно сигурни во нашата Банка.

П2: Деновиве во јавноста се лиферуваат одредени шпекулации кои одат на штета на банкарскиот систем, дел од нив и на сметка на Стопанска банка. Што мислите, од каде доаѓаат овие шпекулации и зошто граѓаните реагираат на шпекулациите? Како да го надминат овој страв и што би им порачале?

Не го знаеме изворот на овие шпекулации ниту нивната намера, тоа е во надлежност на други, државни органи, но мора да нагласиме дека сепак огромно мнозинство од граѓаните веруваат во банкарскиот систем бидејќи имаат беспрекорна соработка со банките и знаат дека само силен и профитабилен банкарски систем може да биде во поддршка на економијата и секако да претставува безбедно место за нивните депозити. Од друга страна, како и секаде во светот, така и кај нас, некои од нашите граѓани се почувствителни дури и на целосно неосновани (па ќе ми дозволите да кажам, дури и смешни) гласини и полесно се манипулирани од страна на оние што, од непознати причини, гледаат интерес во нарушување на довербата во банкарскиот систем.

Затоа, наша силна препорака до граѓаните е да ги анализираат изворот, валидноста и рационалноста на информациите кои доаѓаат до нив, критички да ги проверат и да го формираат своето мислење консултирајќи упатени лица во оваа област со објективни факти како финансиските извештаи, кои Банките транспарентно ги објавуваат за своето работење на секои 90 дена.  Секако сите свои прашања можат да ги постават до вработените во банките на кои им веруваат, а потоа и со компетентните институциите и авторитети за надзор на работата на банките, како што е Централната банка.

Стопанска банка АД - Скопје е име/бренд кое поврзува генерации, историски развојни проекти и 77 години зрачи со доверба претставувајќи столб на економијата, но уште позначајно е дека сите овие години Банката е финансиски партнер на семејствата. Затоа, не заборавајте дека нашиот менаџмент и сите наши 1.000 вработени се достапни за отворена комуникација и можат како и досега да ви помогнат да донесете најсоодветна одлука за вашите финансии.

П3: Светот се соочува со пандемијата повеќе од една година. Како оваа здравствена криза влијаеше врз работењето на Стопанска банка?

Како што споменав, Стопанска банка АД – Скопје денес е во најдобра состојба од самиот почеток на својата 77годишна историја. Едноставно, од почетокот на 2000те години наваму Банката прерасна во силна, висококапитализирана банка подготвена да излезе во пресрет на барањата на клиентите и благодарение на својата широка мрежа и супериорната развојна стратегија денеска е високопрофитабилна, современа финансиска институција. Нашиот постојан одговор на сите предизвици со кои се соочуваме, се нашите одлични финансиски резултати во целиот овој изминат период,  благодарение на кои имаме здрава основа да продолжиме да бидеме  поддршка на клиентите, како и на економијата во целина.

За време на овие големи предизвици кои ни ги наметна пандемијата со ковид-19, 2020та година ја завршивме со позитивен резултат од 32 милиони евра, со што уште еднаш сме најдобри во високо конкурентното окружување. И оваа година продолжуваме со истиот успех. Објавените резултати од првото тримесечие бележат 9 милиони евра добивка пред оданочување според меѓународни стандарди. Располагаме со најголемо кредитно портфолио од 1.2 милијарди евра, силна депозитна база од 1.4 милијарди евра и најголем банкарски капитал во земјата од речиси 300 милиони евра со кој адекватно се покриени сегашните и идните потреби за капитал на Банката.
Нашата сила се нашите клиенти и со големо чувство на одговорност направивме се што можевме да помогнеме и да обезбедиме поддршка за сите во периодот на ковид пандемијата. Одобривме одложена отплата на стотици илјади домаќинства и голем број на компании во 2020 и 2021, помагајќи им постепено да се стабилизираат и вратат кон редовно сервисирање на своите обврски.

Истовремено,  како и целата заедница, Банката се фокусираше на здравјето на своите вработени, на клиентите и на соработниците. Притоа, ги ангажираше своите ресурси за поддршка во реализацијата на економските пакети и широкоградо даде поддршка на здравствениот систем преку бројни вредни донации насочени во борбата против ковид-19.
Банката продолжи да обезбедува финансиски совети и поддршка за клиентите и да ги насочува кон позитивни решенија. Растеме во речиси сите параметри што ни овозможува да планираме нови амбициозни проекти и планови за оваа и за следните години.

Накратко, Банката е во одлична кондиција и клиентите немаат простор за загриженост. Заедно со Банката си ги обезбедуваат своите средства и својата иднина.

П3: Зад Стопанска банка АД – Скопје стои NBG групацијата веќе 21 година. Што значи за Банката членството во Групацијата историски гледано и што ќе значи во иднина?

Горди сме што сме членка на NBG Групацијата, една од најважните групации во регионот, и посебно сме среќни што Стопанска банка АД - Скопје продолжува да има свое достоинствено место во 180-годишната историја на NBG. Пред околу 21 година, почна успешното заедничко чекорење на две историски значајни банки во регионот, овозможувајќи ѝ на Стопанска банка АД - Скопје да прерасне во силната профитабилна банка каква што е денес, столб што ја поддржува економијата на Република Северна Македонија, и секако, вреден дел од  NBG Групацијата.
Наспроти пандемијата со ковид-19, финансиските резултати на Групацијата за 2020 година се одлични и достигнувајќи добивка од 328 милиони евра. Ова е посебно значајно за нас, бидејќи придонесува Стопанска банка АД – Скопје, како членка на NBG Групацијата достоинствено да продолжи со истото темпо, како една од најважните финансиски институции во земјата, да работи со супериорни резултати во сите области на дејствување, чувајќи ги депозитите на нашите клиенти и генерирајќи одржлива вредност за сите засегнати страни.
 
П4: За крај, што е следно на агендата за Банката во оваа ковид година но и понатаму, во пост-ковид економијата?

Согласно објавените макроекономски проекции од страна на  релевантни институции, економијата во 2021 година се очекува да оствари раст на бруто домашниот производ кој би се движел во рамки од  3,5%-4% и кредитен и депозитен  раст од околу 6%.
Во тој контекст,  како Банка со најголема капитална основа и најголемо кредитно портфолио во земјата, Стопанска банка АД - Скопје очекува да се движи во линија на порастот на пазарот, со зголемување на пазарното учество во корпоративниот сектор и задржување на водечкото пазарно учество во секторот на население, преку понуда на услови и цени кои се согласно конкуренцијата, притоа почитувајќи ги принципите на прудентните кредитни стандарди.
Во делот на депозитното работење, Банката планира задржување на конкурентските услови и понуда на депозити кои ќе ги следат потребите на клиентите како и осовременување на начинот на комуникацијата со клиентите во овој сегмент.
Како и досега, надоградбата и осовременувањето на дигиталните канали на комуникација и оператива ќе бидат приоритет во проектното портфолио на Банката. Секако, грижата за вработените и континуираното функционирање на Банката на услуга на клиентите останува да биде примарен фокус на менаџментот како и во досегашниот период.

Со нетрпение очекуваме да се создадат услови во кои повторно ќе можеме да бидеме присутни со нашите масовни настани кои беа одложени заради пандемијата, и повторно сите заедно да создаваме подобар свет за сите. Повторно ќе ги преплавиме улиците со велосипеди на „Вози право, вози здраво“ и повторно ќе ги славиме разликите и поттикнувајќи ја инклузијата низ песна и смеа на „Сонуваме. Менуваме.“ До тогаш, секој од нас, со своите постапки, може да придонесе следејќи ги чекорите за враќање на општеството во пред-ковид состојба.         

Пребарај

Најчести прашања

Доколку ви е потребен банкомат посетете го делот Локации на нашата веб страна, каде што може да го најдете најблискиот банкомат до вас.

За аплицирање за некој од нашите кредитни производи посетете го делот Кредити, каде што ќе може да аплицирате online или пак да аплицирате телефонски на бројот 15 110.

За увид на сметка online мора да имате корисничко име и лозинка за кои е потребно да се обратите во најблиската филијала. Преку e-banking и m-banking сервисите имате достапност од 24/7 online увид и плаќања преку вашите сметки.

За аплицирање за некоја од нашите кредитни картички, онлајн, може да го користите следниов линк Картички, доколку пак сакате индивидуални пресметки и телефонски да аплицирате може да се обратите на телефонот 15 110 - Ало Кредит.

 

24 часа КОНТАКТ ЦЕНТАР

За дополнителни информации обратете се на

Веб-страницата на Стопанска банка АД - Скопје користи „колачиња“ кои собираат податоци за корисниците. Овие податоци помагаат на Банката да обезбеди подобро корисничко искуство, како и подобра функционалност на услугите и веб-страницата. Со одбирање на опцијата „Ги прифаќам сите колачиња“ давате согласност за начинот на кој ги користиме „колачињата“. За други опции, одете во „Поставки за колачиња“. Дополнително, користењето на веб-страницата на СБ не е условена од прифаќањето на колачињата иако на тој начин одредени процеси може да не бидат технички оптимизирани за вашето лично корисничко искуство.