header image

Интервју со Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор

Прочитајте го интервјуто со Генералниот извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД - Скопје за неделникот Капитал од декември 2019.

 

Пред нас е декада полна со амбиции


 
Вообичаено веќе, секое интервју почнува со осврт на актуелните политички текови, поточно на НАТО и ЕУ интеграциите, како и ефектите од истите врз бизнис светот и врз граѓаните. Бидејќи сте на чело на најголемата финансиска институција, Банка со најдолга традиција на пазарот и најдолга странска инвестиција кои се Вашите гледишта за одговорот на пазарот на интегративните процеси?
Почетокот на следната година треба да биде во знакот на рамноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО.
Ова е долго очекуван настан кој за земјата ќе значи подобрени перспективи, подобри сигнали за странските инвеститори и секако поттик за продолжување на аспирациите за ЕУ интеграции. И покрај извесниот краток застој на ЕУ интеграциите, очекувано е процесот да продолжи, се надеваме многу наскоро, уште поважно е од сите учесници во истиот процес стратешки да се продолжи во правец на ЕУ како единствената опција за просперитет.
Од друга страна, праксата на зачестени парламентарни избори, што е случај во Северна Македонија, секако има свое влијание врз економскиот раст, бидејќи во услови на политичка неизвесност амбициите на компаниите затајуваат, односно се сопираат долгорочните планови и активности. Токму поголема политичка стабилност е очекуван резултат од ЕУ интегративните процеси, а од економска гледна точка, очекувањата се дека со започнување на преговорите ќе се отвори простор за забрзан економски раст преку поголема трговска размена, зголемување на извозот, отворањето на нови работни места и во крајна линија подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Секако, овие придобивки ќе се одвиваат етапно и ќе бидат придружени со примена на воспоставени стандарди и регулативи кои имаат за цел подобро функционирање на системите на државата.
Земјата мора да продолжи да гради функционални институции и да го подобри владеењето на правото. Предвидливоста и стабилноста на економските политики и законските рамки, без драматични успони и падови се предуслов за раст и развој.
Еден навистина добар пример кој може да се следи во земјава е монетарната политика која повеќе од 20 години испорачува стабилна домашна валута и курс на денарот. Други мерки и реформи кои државата треба да ги адресира се инфраструктурата, образованието, здравствениот систем и можеби најзначајната е поттикнувањето и задржувањето на квалитетниот кадар во земјата бидејќи човечкиот потенцијал е еден од најзначајните фактори за развој на една економија.

Со крајот на 2019 година, Банката прослави 75 години од основањето во далечната 1944 година на второто заседание на АСНОМ, кога се поставени сега веќе длабоките корени кои создаваат одлични перспективи и за иднината. Какви се резултатите досега?
Во годината кога одбележуваме 75 години Стопанска банка АД – Скопје, се навраќаме на тоа како една голема и проблематична Банка се претвори во една од најуспешните компании во земјата, но и пошироко, преку создавање на бизнис модел основан на одлично развиената мрежа на филијали, постојаното воведување на нови банкарски производи и услуги, поддршка на најголемите инфраструктурни проекти кои го поттикнаа растот и развојот на земјата, како и постојаната поддршка за компаниите и населението.
Кога во 2000 година NBG групацијата го купи мнозинскиот пакет акции, групацијата беше најголема во ЈИЕ регионот, со што Стопанска банка
АД – Скопје доби не само свеж капитал, туку и вредно знаење и поддршка за поставување на успешен модел за работа во земјата. Во тоа време, вкупните средства на Банката биле помали од 500 милиони евра, наспроти вкупните средства кои со крајот на 2019та година ќе достигнат 1,6 милијарди евра со најголемо кредитно портфолио на пазарот од 1,1 милијарди евра. Со други зборови, кредитирањето во изминатиот период е зголемено за 6 пати, депозитите за 4 пати и по период на стабилизација и структурни промени, Банката успева да генерира стабилна профитабилност и успешно ги надмина последиците од сите локални, регионални и глобални предизвици.
Значајно е да се напомене и дека покрај неодамнешните суштински планови за реструктуирање на NBG Групацијата, Стопанска банка останува интегрален дел од неа, со јасна стратегија, јасен фокус и одлучност Банката да остане водечки банкарски бренд во земјата.

Кои се очекувањата за понатаму?
За нас, секоја година претставува продолжување и унапредување на веќе успешниот бизнис модел кој се основа на силниот бренд, развиена корпоративна култура, прилагодување и примена на најдобри практики во корпоративното управување, прудентни политики за управување со ризик, а во исто време со екстровертно и динамично водење на бизнисот. Банката располага со најголема мрежа на филијали за соработка со секое семејство и со секоја компанија, богато портфолио со производи и услуги, како и пристап до разновидни алтернативни канали.
Со успешната реализација на деловната стратегија Банката успеа да ги унапреди стратешки клучните елементи како што се диверзификацијата на приходите, моделот за финансирање, оперативна ефикасност и ефикасни расходи, притоа развивајќи ги човечките потенцијали и IT инфраструктурата.
Оваа 2019 година повторно ќе биде година со многу задоволителни резултати, година во која успеавме да спроведеме рационална експанзија на кредитното портфолио која придружена со ефикасно управување со изворите на финансирање придонесува да се оствари висока профитабилност, притоа одржувајќи ги клучните индикатори на високо ниво.
Оттука, во 2020 година влегуваме со амбициозни планови за понатамошна кредитна експанзија, посебно во делот на корпоративното кредитирање и поддршката за малите и средните компании. Секако банкарството за население останува значаен дел и во овој домен продолжуваме да инвестираме во нови производи, услуги, олеснет пристап до производите, побогата понуда согласно разновидните потреби и можности на клиентите и секако ефикасно процесирање на барањата. Нашите планови се исто така добро поддржани од високата ликвидност, висококвалитетното кредитно портфолио, ефикасниот начин на работа и капиталната сила со коефициент на адекватност на капиталот од 17%, со што Стопанска банка АД – Скопје повторно ќе потврди дека е еден од најдоверливите финансиски партнери во земјата.

На прагот сме на новата декада. Кои ќе бидат предизвиците на модерното банкарство во регионот и кои се Вашите претпоставки за дваесеттите години на 21от век?
Пред нас е нова деценија која со себе ќе носи низа промени и новитети. Секако и за Стопанска банка АД – Скопје почнува нова ера во која ќе сакаме да продолжиме со дигиталната трансформација, со модернизација на процесите, на услугите и производите и со тоа да се приближиме до потребите на населението и компаниите.
Секако, новите технологии го трансформираат и начинот на кој живееме, начинот на кој купуваме, консумираме и начинот на кој се однесуваме кон окружувањето. Сите овие промени неизбежно ќе налагаат прилагодувања кои компаниите ќе треба да ги направат за нивните производи и услуги да продолжат да бидат купувани и побарувани. Оттука, очекуваме промени во бизнис моделите, во распоредот на силите на индустриите, како на пример, појава на поголем број нови компании во делот на IT, обновлива енергија, здрава храна и тн. како и нови странски инвестиции внатре и надвор од слободните економски зони. Промените треба да бидат поддржани и со прилагодени регулативи кои ќе ги имаат во предвид новите трендови.
Деценијата ќе биде во знакот на ЕУ интеграцијата што треба да значи зголемени инвестиции во подобрување на инфраструктурата, унапредување на условите за живот и со тоа задржување, па дури и враќање на дел од квалитетните кадри назад во земјата, функционирање на органите на државата со што ќе се мотивира и подобра фискална дисциплина и тн. Сите овие промени треба да донесат со себе и подобри услови за работа за банките како и за бизнис секторот кој може и понатаму да ја добива поддршката од Банката со најдолга традиција на пазарот.

Каков според Вас, е локалниот пазар на труд и кои се клучните вештини кои се посебно потребни за вработените во големи компании како Стопанска банка АД – Скопје?
Стопанска банка АД – Скопје веќе со години брои над 1.000 вработени со што се вбројува во листата на големи компании. Имаме 65 филијали во директна комуникација со клиентите, имаме 24/7 активен контакт центар кој покрај тоа што е постојано на располагање за поддршка на клиентите, во последните години и активно учествува во процесот на продажбата, а секако имаме ефикасна структура на поддршка од службите за позадинско работење. Исто така, ја имаме и поддршката, големото искуство и знаење од нашата НБГ Групација која има над 185 години традиција.
Нашата корпоративна структура е поставена на начин кој овозможува постојан тек на информации во секој правец, навремена размена на податоци и пристап до современи алатки и решенија со цел нивото на услуга кое клиентите го добиваат да биде конкурентно на пазарот. Бидејќи сме Банка со најдолга традиција, работиме со голем дел од компаниите и приватните лица, па притисокот да одржиме висок стандард на услуга е интензивен и затоа една од првите работи што нашите нови вработени ја учат во текот на обуката е трпение, емпатија и разбирање на соговорникот, како и едукација на клиентите за нашите производи и услуги и нивно вклопување во семејните и деловните планови, но и буџети.
Како и секаде во светот, актуелни вештини потребни за успех во работата во услужна дејност како што е банкарството се комуникациски вештини, креативност во изнаоѓање на брзи и ефикасни решенија, тимска работа со изразено чувство за индивидуална но и колективна одговорност, презентациски
способности и тн.
Секако, амбициите на вработените во еден колектив се од големо значење и истите треба да се негуваат и развиваат низ годините со цел задоволство на двете страни. Пазарот на работна сила во земјата е ограничен, посебно за специјализирани кадри, па тоа остава простор за добар професионален развој за оние кои ќе ја најдат својата вокација и ќе ја развиваат во текот на својата кариера. Во Стопанска банка АД – Скопје постои јасна хиерархија и новите вработени поминуваат период на обука, прилагодување, промена на работни позиции со што им се помага да го запознаат работењето на Банката во целост по што можат да работат на сопствен развој со што ќе се диференцираат понатаму. Банката помага преку стручни обуки, а дополнително влијаеме врз мотивацијата на вработените и со препознавање на нивниот удел во успехот на Банката.


Како Банка имате развиен сопствен, поинаков пристап кон ООП и резултатите се видливи, препознатливи и придонесуваат на вредноста на брендот. Колку овие активности влијаат на Вашите вработени и на Вас како менаџер?
Интервјуата со генералните директори насекаде во светот, веќе стандардно даваат осврт за општествената одговорност на големите компании. Како да стана норматив дека една голема компанија постојано да треба позитивно да влијание врз општеството и заедницата. Токму затоа, среќен сум што за Стопанска банка АД – Скопје ова е повеќе од норматив. Преку посветениот тим исполнет со ентузијазам, Банката успеа да изгради стратегија за општествена одговорност со која Банката ги поддржува проектите кои се од национално значење, иновативните проекти, но и создава свои проекти и зазема цврст став за неколку прашања и се обидува да се подигне свеста за овие прашања и да помага во потрагата по колективна поддршка.
Банката продолжува да застапува велосипедизам како урбан превоз кој не само што треба да биде алтернатива на автомобилите, туку и треба да прерасне во примарно превозно средство, посебно во густите урбани средини. Преку петте изданија на #ВозиПравоВозиЗдраво и овогодинешната кампања #ВозиОдСрце, Банката промовира вело култура поткрепена со инвестиции кои помагаат во негувањето на оваа култура уште од најмалите нозе. Инвестициите се користат од граѓаните поинтензивно секој ден и полека, но сигурно општеството ќе ги забележи ефектите од намаленото користење на автомобилот како превозно средство.
Преку проектот #СонувамеМенуваме, кој оваа година го има своето четврто и најголемо издание, промовираме и зборуваме за инклузијата во општеството на лицата со пречки во развојот, а дополнително и директно помагаме на здруженијата и дневните центри кои работат низ земјата преку фондот за донации секоја година.
Концептот вклучува популарна детска актерска екипа која помага да биде проектот привлечен, а притоа ги вклучува децата со посебни можности на начин што им помага на децата во публиката да ја прифатат идејата за разбирање, соживот и поддршка на своите врсници кои се исти како нив, иако се соочуваат со дополнителни предизвици.
Во Стопанска банка и менаџерската структура и вработените помагаат да се постават основите за општествено одговорните активности на Банката за ООП тимот да најде проекти кои ќе мотивираат да се направи нешто подобро и нешто поинакво, со што ќе станат добра приказна која со гордост ќе ја споделуваме.

Пребарај

Најчести прашања

Доколку ви е потребен банкомат посетете го делот Локации на нашата веб страна, каде што може да го најдете најблискиот банкомат до вас.

За аплицирање за некој од нашите кредитни производи посетете го делот Кредити, каде што ќе може да аплицирате online или пак да аплицирате телефонски на бројот 15 110.

За увид на сметка online мора да имате корисничко име и лозинка за кои е потребно да се обратите во најблиската филијала. Преку e-banking и m-banking сервисите имате достапност од 24/7 online увид и плаќања преку вашите сметки.

За аплицирање за некоја од нашите кредитни картички, онлајн, може да го користите следниов линк Картички, доколку пак сакате индивидуални пресметки и телефонски да аплицирате може да се обратите на телефонот 15 110 - Ало Кредит.

 

24 часа КОНТАКТ ЦЕНТАР

За дополнителни информации обратете се на

Веб-страницата на Стопанска банка АД - Скопје користи „колачиња“ кои собираат податоци за корисниците. Овие податоци помагаат на Банката да обезбеди подобро корисничко искуство, како и подобра функционалност на услугите и веб-страницата. Со одбирање на опцијата „Ги прифаќам сите колачиња“ давате согласност за начинот на кој ги користиме „колачињата“. За други опции, одете во „Поставки за колачиња“. Дополнително, користењето на веб-страницата на СБ не е условена од прифаќањето на колачињата иако на тој начин одредени процеси може да не бидат технички оптимизирани за вашето лично корисничко искуство.