05.12.2011 Скопје

 

Интервју со Тони Стојановски, Заменик генерален директор и член на Управен одбор

Новинар: Мирче Јовановски, Дневник


Господине Стојановски, светската економска криза го наметна управувањето со ризици како врвен приоритет во работењето на банките. Како банкарскиот сектор кај нас и Стопанска банка се носат со овој предизвик?


- Светската економска криза наметна нова реалност во која јасно се препознава потребата за посериозен пристап на банките и регулаторите на полето на управувањето со ризиците. Веќе е постигнат и глобален консензус дека за да се обезбеди иднината на банки кои ќе бидат во функција на развојот на економиите, а не нивни дестабилизатори, мора да се подигне нивото на нивната капитализираност и ликвидност, да се воспостави организација и пристап кој ќе овозможи ризиците да бидат под контрола, како и да се зајакне транспарентноста во работењето на банките. Во таа смисла, Базелскиот Комитет за банкарска супервизија го донесе новиот реформски пакет на мерки, т.н. Базел 3. Стопанска банка континуирано ги следи и работи на примена на најдобрите меѓународни банкарски практики и стандарди. Во текот на изминатата деценија, Банката помина низ интензивен процес на реструктурирање кој овозможи постигнување на стапка на адекватност на капиталот од 18,7 проценти, наспроти законски дефинираниот минимум од 8 отсто, ниво на нефункционални пласмани од 7,1 отсто, наспроти 9,9 проценти колку што просечно изнесува кај банките во Република Македонија, цврсто и здраво корпоративно управување во кое поставеноста на функцијата за управување со ризиците ги следи најновите глобални трендови. Ова значи сигурност и стабилност на Банката, кои, се разбира, не се цел сами за себе, туку се основна претпоставка за високиот квалитет на банкарски производи и услуги кои ги користат нашите клиенти.

 

Од НБМ и од Владата предупредија дека новиот кризен бран ќе ги зафати и нашите фирми. Дали тоа почна да се случува и на колкав раст реално може да се надеваме?


-За жал, и покрај позитивните остварувања на домашната економија во првата половина на годината, новиот кризен бран, кој веќе ја зафати Европа, неминовно ќе влијае на реалниот сектор во Македонија преку намалената странска ефективна побарувачка за нашите извозни производи. Имено, официјалните статистики веќе ги покажуваат првите негативни ефекти преку намаленото индустриско производство и забавениот раст на корпоративните депозити на ниво на банкарски сектор. Во такви услови, банките се соочуваат со намалена инвестициона побарувачка на приватниот сектор што неминовно води кон намалена кредитна активност. Ваквите трендови се очекува да продолжат до крајот на годината, а во зависност од интензитетот на кризата во Европа, првите сигнали за повисок економски раст евентуално би можело да се очекуваат во втората половина на 2012.

 

Ако на фирмите не им оди добро, тоа ќе се одрази и врз вработените, од кои многумина се заглавени со кредити. Како ќе се однесуваат банките, дали ќе прибегнат кон наједноставното– присилна наплата?


-Искуствата од првиот бран на економската криза потврдуваат дека македонскиот банкарски сектор има капацитет да се справи со проблемите поврзани со намалената кредитна способност на своите клиенти без притоа да дојде до значајно зголемување на износот на нафункционални кредити и без преголема употреба на механизмите на присилна наплата. Официјалните статистики во овој домен укажуваат дека и покрај влошените состојби на пазарот на труд од почетокот на годината, во секторот население се забележува намалување на учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити. Тука, важно е да се спомене дека Стопанска банка АД, како банка со најголемо пазарно учество од 37,8 отсто во доменот на кредитирање на населението, дава и најголем придонес за поволните трендови во овој домен. Имено, износот на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио на население во Стопанска банка изнесува 5,5 проценти, што е значително пониско од просекот на банкарскиот сектор, кој на крајот на третиот квартал изнесуваше 7,9 проценти.

 

Како банките, за кои постојано се тврди дека се одлично капитализирани и со добра адекватност на капиталот, можат да му помогнат на стопанството? Дали е с` во добрите проекти, или пак има и други начини?


-Најпрво, треба да се истакне дека добрата капитализираност им овозможува на банките да бидат во позиција да ги апсорбираат шоковите кои доаѓаат како последица од кризата, без да емитираат дестабилизирачки движења спрема економијата во целина. Најлошата ситуација е кога банките заради сопствената нестабилност се причина за проблемите во реалниот сектор на економијата. Заради тоа, соодветно треба да се вреднува фактот што банките се дел од здравото ткиво на македонската економија и како такви се способни да ја исполнат својата основна цел: прибраните слободни парични средства од граѓаните и компаниите да ги пласираат во проекти кои ќе донесат раст и развој на економијата и нови работни места. Истовремено, во согласност со практиката и на Стопанска банка, сите наши корпоративни клиенти кои се соочуваат со тешкотии во нивното работење како последица од кризата, имаат можност да добијат реструктуирања на својот долг и други форми на финансиска поддршка, доколку заеднички констатираме дека тешкотиите се од времен карактер и дека компанијата ги прави сите чекори внатрешно да се реструктуира и да се прилагоди на новата реалност на пазарите на кои ги продава своите производи и услуги.

 

Пред да дојдете во Стопанска банка, во НБМ бевте одговорен за банкарската супервизија. Од тој аспект гледано, каква е вашата оценка за банкарскиот систем кај нас каде што доминираат три банки?


-Од монетарното осамостојување наваму, банкарскиот систем на Република Македонија помина низ повеќе значајни реформски зафати кои резултираа со негово целосно финансиско и оперативно реструктуирање, висока капитализираност и стабилна ликвидносна позиција и што е најважно, вратена е довербата од страна на нашите граѓани, која скоро и да не постоеше во текот на 90-тите години. Во овој момент штедните влогови на граѓаните кај банките изнесуваат близу 2,6 милијарди евра и се на историски највисоко ниво од 1992 година наваму. Тоа дава потенцијал за кредитирање на стопанството и населението врз основа на здрави банкарски критериуми.

Концентрацијата на финансискиот потенцијал кај првите три банки по големина сама по себе не претставува пречка за ефективноста на банките во вршењето на нивната основна функција во економијата, но секако дека растот и на други банки и нивното приклучување кон групата на т.н. големи банки е позитивно за јакнење на конкуренцијата на банкарскиот пазар.

 

Го променивме начинот на плаќање


Годинава ја завршуваме со едно значајно признание од Супербрандс за периодот 2011/2012. Секоја заслуга што една компанија ја добива е базирана на довербата што ја поседува кај своите клиенти, на задоволството од квалитетот на услугата, на иновативноста во работењето и воведувањето на прогресивни производи и услуги. Затоа, ова признание ни е обврска и понатаму нашите клиенти да ги третираме како наши супербрендови и да останеме на „ваша страна“. Оваа година особено е значајна за Банката затоа што прославуваме 3 јубилеи - пред 15 години беше издадена првата платежна картичка на македонскиот пазар, пред 10 години беше воведена и првата „Виса“ картичка, а пред 7 првата кредитна картичка. Со тоа значително го променивме начинот на плаќање и управување со сопствените средства, и придонесовме за модернизација на платниот промет во земјата. Паралелно на овие иновации се одвиваше и интензивно издавање на картички и инсталација на најголемата мрежа на банкомати и ПОС терминали, насекаде низ државата.