17.04.2012г.

-ЗДРУЖЕНИЕ НА БАНКАРСТВО-

СООПШТЕНИЕ ЗА КОРИСНИЦИ НА УСЛУГИ ОД БАНКИ И ШТЕДИЛНИЦИ



Почитувани клиенти,


Во име на Здружението на банкарство при Стопанската Комора на Македонија, Ве информираме, дека согласно важечката законска регулатива во Република Македонија, сите банки/штедилници при воспоствување на деловен однос или вршење на трансакција спроведуваат идентификација, потврдување и ажурирање на идентитетот на клиентот.
Овој процес опфаќа идентификација и потврдување на идентитетот на клиентот физичко или правно лице преку соодветни валидни документи за нивна идентификација (важечка лична карта или пасош за физички лица и тековна состојба не постара од 6 месеци за правни лица) и пополнување Апликација за идентификација/ажурирање на клиент, која во идентична форма се употребува во секоја банка/штедилница.
Податоците добиени од овој процес мора да се ажурираат на редовна основа, најмалку секои 2 години.
Важечката законска регулатива во Република Македонија предвидува обврска сите банки и штедилници да ја ажурираат базата на своите постојни клиенти со валидни податоци за нивна лична идентификација најдоцна до мај 2012 година. Бидејќи потврдување и ажурирање на податоците за своите клиенти на овој начин го забавува редовното работење на шалтерите во банките и штедилниците и е обемна работа, која одзема време, а со цел исполнување на горенаведените законски обврски, Здружението на банкарство при Стопанската Комора на Македонија, ги потсетува сите физички и правни лица во РМ кои имаат отворено сметки во банките и штедилниците, да пристапат кон истите со цел ажурирање на нивните податоци.
Во насока на наведеното, ги известуваме сите наши клиенти, физички и правни лица,  дека банките и штедилниците ќе ги реализираат услугите за своите клиенти по пополнување на соодветната апликација за идентификација/ажурирање на клиентите и приложување на важечка документација за идентификација.
До спроведување на соодветната идентификацијата, работењето со сметките не ќе може непречено да се одвива.
Банките и штедилниците ги бараат Вашите лични податоци и податоците за вашата трансакција, единствено со цел да ги почитуваат барањата на важечката законска регулатива, без можност и дискреционо право да постапат поинаку.
Воедно, сакаме да Ве известиме дека ажурирањето на овие податоци е и во Ваш интерес, бидејки банките и штедилниците ќе бидат во можност да донесат издржана одлука базирана на повеќе валидни информации и по однос на сите Ваши барања, ќе можат навремено и на точни адресни податоци да ги испраќаат месечните извештаи, соопштенијата и дополнителните материјали со кои се олеснува соработката, меѓу клиентите и нивната банка/штедилница.

Со почит,
ЗДРУЖЕНИЕ НА БАНКАРСТВО ПРИ СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
www.mchamber.mk