20.03.2012г.


Донација на Клиниката за Пулмологија и Алергологија, Скопје


Стопанска банка АД – Скопје како долгогодишен финансиски партнер на Клиниката за Пулмологија секогаш наоѓа начини за продлабочување на соработката, но и начини за помагање на работата што Клиниката ја извршува. Овој пат, во рамки на својата корпоративна општествена одговорност, Банката донира опрема за Клиниката за Пулмологија и Алергологија која ќе им помогне во секојдневното работење и ќе им овозможи подобра грижа за пациентите.
Опремата предмет на донација, содржи помеѓу другото и медицински торакоскоп, пред се дијагностички апарат кој го користат специјалисти пулмолози за точна дијагностика на пулмолошки заболувања, но се користи и за полесни интервенции и зафати. Клиниката оспособи посебна просторија за новата опрема која веќе од оваа недела ќе биде во примена за првпат за пациентите во Клиниката, но и воопшто во Македонија.
„Плевралните заболувања односно плевралниот излив (вода во белите дробови), поради својата специфичност налагаат рана и точна детекција и дијагностика. Медицинскиот торакоскоп е најсовремена, безбедна технологија што овозможува специјалистите пулмолози да ги третираат побрзо, поточно и подобро своите пациенти. Од тој аспект, горди сме што Клиниката доби ваква донација од Стопанска банка и ќе може на пациентите да им понуди повисоко ниво на медицинска услуга“ изјави Др. Бисерка Јовковска-Ќаева, директор на Клиниката за Пулмологија и Алергологија.
„Банката има свои пријатели и соработници во сите сфери на работењето и ни претставува особена чест кога можеме на реномирани медицински установи како што е Клиниката за Пулмологија да им излеземе во пресрет и да им овозможиме уникатна услуга што е примарно од корист за пациентите и секако докторите кои се вклучени во оваа дејност.“ изјави Глигор Бишев, Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје.
Корпоративната општествена одговорност ја одразува стратегијата на Банката да биде во континуитет поврзана со заедницата во која работи. Покрај тоа, редовната примена на овие принципи на работа ги поттикнуваат нашите партнери и соработници да се приклучат кон принципите и заедно многу повеќе и многу позначително да му помогнеме на општеството.

 

Стопанска банка АД – Скопје
На ваша страна