22.03.2017

НОВ МУЗИЧКИ СПОТ ЗА ПЕСНАТА „ЗЕМЈА ЗА НАС“ ОД ПРОЕКТОТ „СОНУВАМЕ.МЕНУВАМЕ“


По повод меѓународниот ден на лица со Даунов синдром 21.03, во просториите на Стопанска банка АД – Скопје пред претставниците на медиумите и учесниците во проектот „Сонуваме.Менуваме“ промовиран беше музички спот за песната „Земја за нас“ во продукција на ОхО, со што на одреден начин се заокружи првото издание на проектот.
Видеото е изработено со извадоци од сценскиот перформанс на лицата со посебни потреби и пречки во развојот и дополнето со ликовите на ТВ Серијата „5+ фамилија“ кои активно учествуваа во проектот и изработката на песната.


Симболиката на текстот од песната ги поканува слушателите да гледаат со очи на дете (односно невино, чисто, со разбирање) и да им подадат пријателска рака на лицата со посебни потреби и пречки во развојот, додека препознатливата мелодиската позадина има за цел креирање поголем ефект и полесно прифаќање. Песната е изведена од 5+ бенд и детскиот хор при МОБ.


Во рамки на проектот „Сонуваме.Менуваме“ Стопанска банка АД – Скопје заедно со асоцијациите и здруженијата покрај сценските настапи и инклузивната претстава изработи видео пораки кои се достапни за едукативните центри низ Македонија за промовирање на инклузивноста, разбирањето, емпатијата и поддршката на лицата со посебни потреби и нивните семејства. На овој начин се надеваме сите генерации граѓани ќе помогнат во прифаќање на разликите кои не надополнуваат и не прават посилни како општество.


Стопанска банка АД – Скопје уште еднаш им благодари на сите учесници и соработници на „Сонуваме.Менуваме“ кој се надеваме дека ќе прерасне во долгорочен и одржлив проект.
Музичкиот спот и едукативните видеа се достапни на овој линк.

 

 

Стопанска банка АД – Скопје

На ваша страна