08.06.2016

 

Предаден во употреба првиот детски велосипедски полигон, донација од Стопанска банка за Град Скопје



Почитувани,


Стопанска банка АД – Скопје во паркот Македонија 2, населба Козле, донираше за Град Скопје детски едукативен сообраќаен полигон со што ја затвори кампањата „Вози право, вози здраво“ и го одржа своето ветување за граѓаните на Скопје кои несебично се вклучија во проектот.


Велосипедскиот полигон е безбедно катче на кое децата ќе можат да научат да возат точак, тротинет, ролерки, но и да ги научат сообраќајните правила преку поставената вертикална и хоризонтална сигнализација. Секако, за дополнителна забава, поставени се и играчки и клупи на кои децата ќе можат безгрижно да го поминуваат времето.
За изградбата на патеката, користени беа еколошки материјали и се посветуваше посебно внимание да се зачуваат садниците и уредените зелени површини. Дополнително, волонтери на Банката заедно со деца од соседните училишта и градинки на патеката и додадоа дополнителен белег – боја, цвеќиња и налепници, со што се надеваме ќе бидат подобро поврзани со патеката и ќе ја чувствуваат како своја а воедно и ќе се грижат за истата.


Во името на Стопанска банка АД – Скопје, Г-а Милица Чапаровска Јовановска, Генералниот директор за банкарство на мало изјави: „Ретка можност е ваков јавен простор да биде оплеменет и трансформиран во катче за рекреација, забава и секако едукација за најмладите. Ја поздравуваме укажаната доверба и поддршка од Град Скопје сите овие месеци и во оваа прилика ни претставува задоволство да го предадеме велодромот во владение на Град Скопје и во употреба за сите граѓани. Горди сме на нашиот тим вработени кои во целост го осмислија настанот „Вози право, вози здраво“ успешно го организираа и на крај ја реализираа и оваа донација. Токму ваквата енергија, инспирација и посветеност, вградени во нашиот тимски дух и корпоративна култура придонесуваат кон успехот и растот на Стопанска банка и секако кон нови проекти и донации кои во иднина ќе ги споделиме со заедницата.“


На свеченото отворање, г. Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје изјави „Идејниот проект за урбаниот велосипедски полигон за деца, донација од Стопанска банка, е од едукативен карактер, односно има за цел децата да ги научат сообраќајните знаци и сообраќајните правила. Сакам да ја искористам оваа можност и да ги поканам сите претставници на бизнис секторот да се отворат за сите добри идеи за реализирање проекти коишто ќе придонесат за подобрување  на услови за живот во општините.“
Стопанска банка како надополнување за заинтересираните деца, ќе организира школа за велосипедизам, часови по сообраќајни правила и други интерактивни содржини со што патеката уште повеќе ќе добие на вредност.
Фотографии и видео записи од свеченото отворање, како и дополнителните содржини за патеката се достапни на Facebook страницата на Стопанска банка (www.Facebook.com/NaVasaStrana)

Технички информации:
Изведувач на градежните работи беше компанијата Бортас а за надзорот надлежни беа Градежен Институт Македонија согласно дозволата од Град Скопје за поставување на урбана опрема бр. 137216/2 од 04.04.2016. Вредноста на градежните работи е проценета на 22.000евра и е целосно исплатена на ангажираните компании.
Патеката се протега на површина од 600м2,  долга е 277м со гумен и дел од бехатон плочки. Ширината на патеката е 120см со 2 тротоари за пешаци Поставени се 5 мини лежечки пречки, еден дрвен мост со 8% нагиб, поставен е кружен тек и две дополнителни крстосници, 26 интерактивни семафори и сообраќајни знаци а достапен е и 85м2 простор со играчки и пикник клупи/маси.

Стопанска банка АД – Скопје                      
На ваша страна