Обраќање на г. Тони Стојановски на годишната конференција на Македонска берза

 

Почитувани,

На почетокот би сакал до го честитам јубилејот 20 години од првиот ден на тргување на Македонска Берза АД Скопје, чие што основање и започнување со работа во 1996-та година го означи поставувањето на уште еден важен столб на финансискиот систем на Република Македонија. Денес, 2 децении после овој настан, сите ние со гордoст можеме да кажеме дека во овој историски краток период на постоење и дејствување на една институција, посебно во мала и отворена економија, како што е Република Македонија, која, во овој период беше изложена на бројни предизвици, Македонската берза оствари резултати за кои треба да се оддаде признание и почит. Затоа, дадената можност да зборувам на оваа Годишна конференција кога се слави 20-годишниот јубилеј од првиот ден на тргување на Македонска Берза АД Скопје, за мене претставува голема чест и привилегија. 



Темата на овој дел од Годишнава конференција на Македонска Берза, “Каков пазар на капитал и треба на Република Македонија”, била предмет на бројни дебати, стручни дискусии и размена на мислења во научната и стручната јавност и во досегашниот период. Имајќи го предвид значењето на пазарот на капитал за развојот на економијата од повеќе аспекти, освртот на оваа тема во ваква прилика не значи само повторување на она што досега повеќепати било кажано, туку препознавање и потенцирање на реалната потреба да се направи нешто повеќе во овој дел од страна на сите чинители на економскиот живот во Република Македонија. Притоа, зборувајќи за значењето на  пазарот на капитал, секогаш треба да се има предвид интеракцијата и потенцијалните синергетски ефекти со останатите сегменти на финансискиот систем на Република Македонија, бидејќи целта на сите нас е една и единствена: да обезбедиме непречен проток и оптимална алокација на  штедењето и слободната акумулација, домашна и странска, заради финансирање на растот и развојот на реалниот сектор на македонската економија.


Затоа, во оваа прилика би сакал  накратко да се осврнам на една од основните функции на пазарот на капитал, мобилизирање на слободни финансиски средства преку примарниот пазар и нивно канализирање директно во реалниот сектор на економијата заради финансирање на растот и развојот на компаниите. Тука веднаш би истакнал дека на примарниот пазар на капитал не треба да се гледа како на конкуренција на финансиската интермедијација на банкарскиот сектор, туку напротив на нив треба да се гледа како на комплементарни финансиски сегменти со силен потенцијал за синергетски ефекти.


Факт е дека како и во сите останати економии од регионот и континентална Европа, во Република Македонија банкарскиот сектор е доминантен сегмент на финансискиот систем преку кој се канализира домашното штедење во форма на депозити и се трансформира во кредитна поддршка на компаниите, директно или индиректно преку кредитирањето на населението. Според официјалните податоци за крајот на 2015 година, вкупниот износ на прибрани депозити кај банкарскиот сектор изнесува 5 млрд. евра во денарска противвредност, што, во споредба со претходната 2014 година е зголемување за околу 6% или 300 мил. ЕУР во денарска противвредност. Истовремено, вкупните кредитни пласмани достигнаа 4,5 млрд. евра во денарска противвредност што претставува 90%-на искористеност на прибраниот депозитен потенцијал. Разликата од 500 мил. евра претставува слободна ликвидност на банките која е поголема доколку ги вклучиме и нивните капитални извори на средства. Пред банките останува предизвикот за натамошно зголемување на искористеноста на  прибраниот депозитен потенцијал при што поминувањето на прагот од 100% на стапката на кредити во однос на депозити ќе значи потреба и можност за привлекување и пласирање и на странско штедење во каналите на македонската економија. Се разбира дека ова е посебна тема која бара поопширна елаборација, меѓутоа во оваа прилика, за целите на овој осврт, треба да се спомене дека ова може да го реализираме покрај другото, и преку зголемување на апсорбциониот капацитет на компаниите за финансирање на нивните активности преку банкарски кредити. Притоа, еден од значајните фактори кој влијае на капацитетот на компаниите за банкарско финансирање на нивните активности, согласно општите банкарски критериуми, претставува нивната капитална позиција. 



Почитувани, Верувам ќе се согласиме со фактот дека во Република Македонија има повеќе добри компании кои се израснати од нивните сопственици, од мали семејни бизниси до компании со респектабилен обрт, изграден бренд, извоз на странски пазари итн., кои навистина заслужуваат почит и признание не само во бизнис заедницата, туку во нашето општество во целина. Меѓутоа, кај добар дел од нив се јавува состојба на “гушење” на  нивниот понатамошен раст и развој во рамките на постојниот начин на корпоративна организација и многу често, релативно ниско ниво на капитал со кој располагаат, вложен иницијално од нивните сопственици, а поголемиот дел генериран преку реинвестирање на остварениот профит во текот на годините на нивно постоење. Постојниот начин на организирање како друштва со ограничена одговорност или друштва со ограничена одговорност единствено лице, нивото на сопствен капитал, квалитетот на корпоративното управување и во тие рамки и финансискиот менаџмент и финансиска транспарентност, за еден дел од компаниите наметнуваат “природна” граница на нивниот понатамошен раст само преку стратегијата на финансирање на нивните активности од банките.  Многу често кога ги анализираме финансиските показатели на компаниите низ призмата на банкарските критериуми, кои, да нагласам, како такви не со во примена само овде кај нас, туку се меѓународно применети како добри банкарски стандарди и практики, доаѓаме до ограничувачкиот фактор на високи стапки на задолженост на компаниите (debt-equity ratio). Дополнително, со растот на компанијата и зголемувањето на обемот и комплексноста на нејзините активности расте и потребата за поинаков пристап во квалитетот на финансискиот менаџмент и известување и начинот на корпоративното управување. Практично се поставува прашањето како понатаму во однос на кредитирањето и поголемо користење на слободната ликвидност на банкарскиот сектор во кредитни пласмани спрема компаниите и излегување од магичниот круг на постојаното повторување на дискусиите во кои дел од компаниите велат дека банките се премногу ригидни и не пружаат доволна финансиска поддршка на стопанството, а од страна на банките се повторува ставот дека нема доволно добри проекти. Се разбира вистината никогаш не е црно бела и затоа треба да се бараат конкретни излезни решенија искористувајќи ги пред се можностите кои стојат на располагање околу нас.



Сигурно дека едно од излезните решенија е дел од овие компании и нивните сопственици, да соберат малку повеќе храброст, знаење и информации, со полна поддршка од сите нас од финансискиот сектор, коморите и другите релевантни институции и да се трансформираат во акционерски друштва, да излезат на примарниот пазар на капитал и директно на инвеститорите да им ја понудат својата бизнис приказна. Тоа е начинот на кој може да го зголемат својот капитал, квалитетот на корпоративното управување и финансиската транспарентност и да отворат пошироки врати за зголемување на финансирањето и од банкарскиот сектор. Нивната апсорбциона моќ за кредити од банките ќе се зголеми и со тоа ќе се овозможи зголемување на искористеноста на слободниот потенцијал во банките. Примарниот пазар на капитал ќе може да ја игра улогата која е исклучително значајна и да даде импулс за поефикасна финансиска интермедијациja во земјата, пред се преку банкарскиот сектор, како императив на можностите за раст и развој на економијата во целина. Ако си дозволиме да претпоставиме дека само 20-тина компании ќе излезат на примарниот пазар на капитал со јавни понуди во просек од околу 5 мил. евра, зборуваме за 100 мил. евра нов капитал во реалниот сектор, 100 мил. Евра нови можности за инвеститорите на пазарот на капитал, посебно во услови на ниски каматни стапки. Овој износ на нов капитал може да доведе до ангажирање на нови 100-200 мил. евра во форма на кредити од банките за инвестиции и обртен капитал кои секако ќе значат раст на бизнисите на компаниите, зголемен обрт, поголем извоз и повеќе работни места. Без да се елаборира понатаму, јасно е какви се севкупните ефекти врз сите чинители на економијата, а во крајна линија врз можноста за порационално користење на домашното штедење и искористување на можностите за влез и на странскиот капитал, особено во светлината и на регионално поврзувањето на берзите од ЈИЕ.



Почитувани, Сигурно дека ова што го зборувам не е ништо ново или непознато за сите нас присутни овде, меѓутоа сметав дека во оваа прилика, честитајќи си го јубилејот, вредно е да се потсетиме и да ги дефинираме за наредниот период најзначајните предизвици кои стојат пред македонскиот пазар на капитал, а секако ќе се согласиме ова е еден од тие значајни предизвици. Посебно сакав да ја истакнам комплементарноста и синергетските ефекти на примарниот пазар на капитал со банкарскиот сектор и де факто потребата на банкарскиот сектор за раздвижување на примарниот пазар на капитал, преку кој во текот на 2015 година се реализирани само 4 приватни понуди во износ од 2 мил. Евра и ниту една јавна понуда.
Се разбира дека секогаш во економии како што е нашата, а тоа е случај и пошироко со сите економии од регионот и континентална Европа, оваа дискрепанца помеѓу пазарот на капитал и банкарската интермедијација ќе постои, но предизвикот е таа да се намали со цел да се искористат синергетските ефекти на овие два комплементарни сегменти на финансискиот систем.
Затоа, за сите нас стои предизвикот во наредниот период, сите релевантни чинители во овој дел,  Македонска берза, стопанските комори, банките, брокерските куќи, регулаторите на финансискиот систем итн., активно да се вклучат во конкретни активности на доближување до компаниите на можностите кои ги нуди пазарот на капитал. Искористувањето на тие можности за нив, на микро ниво, ќе значи добивање на многу предности, меѓутоа уште повеќе,  ќе значи за севкупната ефикасност на финансискиот систем на Република Македонија и развојните можности на економијата во целина.



Ви благодарам за вниманието.