30.12.2010Договор за финансирање на катна гаража

Во Министерството за Финансии вчера беше потпишан договор за изградба на катна гаража во центарот на Скопје помеѓу Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и Стопанска банка АД - Скопје и Комерцијална Банка.
 
- Потпишувањето на договорите покажува дека домашниот банкарски систем останува активен во поддршка на економскиот развој на Македонија, а во овој случај се работи за локален економски развој, рече на потпишувањето вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Катната гаража кај МЕПСО, како што рече директорот на ЈПССДП Владимир Бахчовански, е проценета на 6 милиони евра од кои 30 отсто финансира Јавното претпријатие, а 70 отсто се обезбедени со кредитот од Стопанска банка АД – Скопје и Комерцијална банка. Гаражата ќе биде висока 29 метри, со 350 паркинг места и 1.300 метри квадратни административен простор. Се очекува да почне со градба во средината на март следната година.
 
Претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје г.Глигор Бишев истакна дека проектот катна гаража е прв од овој тип на соработка со локалната самоуправа, но дека до Банката се доставени повеќе проекти од локалната самоуправа кои дополнителнмо ќе се разгледуваат и одобруваат.