20.06.2014

 

Голема хуманитарна акција на Стопанска банка АД – Скопје„ПОДАРИ НАСМЕВКА“ за децата на кои тоа им е најпотребно!

 

По повод 70-годишнината од своето постоење, Стопанска банка денеска започна голема хуманитарна акција под мотото „Подари насмевкаˮ, во која секој е повикан да учествува, едноставно да ја донира својата насмевка, а колку повеќе насмевки се соберат, толку повеќе средства Банката ќе донира. Крајната цел на овој проект е да се обезбеди донација на медицинска опрема за детските здравствени установи низ земјава, со што ќе се обезбеди подобра медицинска нега на децата на кои тоа им е најпотребно. 

 Стопанска банка потекнува од локалните заедници низ Македонија, се развива благодарение на довербата која и ја укажуваат граѓаните и компаниите и веќе 70 години е нераздвоен дел од стопанството и животните приказни на луѓето од Македонија, и токму поради тоа ја осмисли оваа хуманитарна акција во која може да се вклучи секој граѓанин и секоја заедница а во интерес на децата кои заслужуваат насмевка секој ден од животот.За таа цел, во филијалите на Стопанска банка ќе бидат поставени фото-тотеми, каде секое заинтересирано лице ќе може да ја подари својата насмевка. Колку повеќе насмевки ќе се соберат, толку повеќе средства Банката ќе донира за детските здравствени установи.

Бројот на насмевки кои може да ги подари едно лице е неограничен, а насмевка може да се подари и на Фејсбук страната на Стопанска банка www.facebook.com/NaVasaStrana, како и преку фото патролите низ градовите, но и за време на бројните настани кои ќе бидат организирани по повод 70- годишнината. 

Хуманитарната акција имаа чест да ја започнат Претседателот и членовите на УО како и вработените на Стопанска банка, кои први подарија насмевка и ги поканија сите останати да се вклучат во процесот на собирање еден милион насмевки.

„Во динамичното секојдневие, во кое главен приоритет на бизнисмените е да се постигнат квантифицирани цели не смееме да заборавиме дека мисијата на компаниите не е само растот, успехот и профитабилноста туку и да бидат општествено одговорни и да му возвратат на општеството за постигнувањата особено со поддршка на сограѓаните на кои најмногу им е потребна помош. Затоа, сакаме да го комбинираме овој наш значаен јубилеј со нешто убаво и незаборавно за нашето окружување, за нашите клиенти и сограѓани и да покажеме дека Стопанска банка АД – Скопје останува лидер не само во банкарскиот сектор туку и во општествената одговорност, активност со која посебно се гордееме. 70 годишнината ќе ја прославиме заедно со нашите клиенти преку разновидни активности и настани и ќе ја крунисаме со донација во детските здравствени домови. За поддршка на нашата акција бараме од вас само насмевка која ќе се брои како донација и за која ние ќе издвоиме средства за повеќе детски насмевки“ Изјави Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на УО.

 

Стопанска банка АД – Скопје,

На ваша страна

 

Видео спотот од кампањата е достапен на следниот линк. Видео спотот со вработените можете да го погледнете тука.